ЗВУЦИТЕ НА КОНГО ГО ОТВОРААТ 17. ИЗДАНИЕ НА ОФФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Африканскиот континент ќе биде претставен на вечерашното отворање на 17. издание на фестивалот Оффест, за што честа им припадна на конгоанскиот музичар Џупитер Боконџи и неговиот петчлен бенд „Оквес“.

Нарекувајќи го својот стил „Бофенија рок“, музиката на Боконџи е мешавина на афропоп, традиционални конгоански ритми, фанк и на рок, за да се добие еден оригинален музички израз, врска помеѓу локалната музичка традиција и на западната музика.

„Заедно со својот бенд ‘Оквес‘, Боконџи во митската румба на Конго ги внесе фанкот и урбаните ритми, привлекувајќи го интересот на продуцентот Дејмон Албарн, фронтменот на ‘Блур‘ и на ‘Горилаз‘. Тие потоа станаа едни од најголемите ѕвезди на светската турнеја ‘Африка експрес‘, кога, меѓу другото, настапија и на фестивалот ‘Гластонбери‘“, се вели во најавата на концертот.

Концертот ќе се одржи во Денсинг салата на Младински културен центар во Скопје, со почеток во 21 часот. Картите се по цена од 500 денари.

„Џупитер и Оквес“ се само најава на најбогатата програма на Оффест досега, која во пет вечери ќе понуди вкупно десет концерти.

Г. КОНЕВ