НА 27 АПРИЛ ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА РОДЕНДЕНОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 27 април од 12 часот, кај спомен-клупата на Горан Стефановски во скопско Дебар Маало ќе се одржи настанот „Горан е тука“, со кој ќе се одбележи 73. роденден на великанот на македонската драматургија.

Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018. Споменикот е поставен во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

Ќе настапи групата „Аудио Скопје“, ќе читаат Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, ќе учествуваат членови на семејството Стефановски, пријатели од гимназиските денови, дебармаалци и колеги од театарската фела, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомимска точка, а Игор Стефановски ќе има диџеј сет.

„Неговите текстови не се само уметност, туку и огледало на општеството, совест на времето и вечен разговор со публиката. Горан знаеше да ги улови болката и хуморот на Балканот, да ни го покаже апсурдот на секојдневието и да нè натера да се смееме и да се замислиме. Тој можеби не е физички тука, но неговите ликови шетаат низ нас, неговите реченици сѐ уште се слушаат во театарските сали и неговиот дух живее во зборот, мислата, на сцената. И токму затоа велиме: Горан е тука“, вели организаторот, Здружението на граѓани Тим Театрос К Скопје.

Настанот е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2025.

Фото: К. Попов