НА 5 ДЕКЕМВРИ ВО МСУ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ВОЈНА НА СЕТИЛАТА/ВОЈНА ВРЗ СЕТИЛАТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје утре (5 декември) ќе се отвори изложбата „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“, која ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите, и престижната награда Тарнер.

Во поставката ќе бидат изложени дела на Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, а во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот „ЈоХа“. Куратори се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.

„Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и поврзаноста помеѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Ја афирмира способноста на уметноста преку користење визуелни методологии, како што се модели, цртежи, мапи, интерактивни картографски карти, веб-базирани филмови и анимации, да се произведе знаење и да се дејствува во насока на заштитата на човековите права“, велат кураторите.

На 6 декември од 15:30 часот, Фулер, кој е професор по културни студии на Универзитетот Голдсмитс во Лондон, ќе говори на тема истражувачка естетика.