Десетина од највисоките луѓе на светот имаа необична средба во Париз викендов, а кога прошетаа низ центарот на градот, тие беа вистинска атракција за случајните минувачи.
Меѓу нив беше и Французинот Брахим Такјула, кој со своите 246 сантиметри и официјално се води како втор највисок човек на светот.
„Кога ќе се сретнеш со други високи луѓе, како да добиваш нов поглед на животот. Можам да гледам право кога разговарам. Погледот обично ми е вертикален, бидејќи сите други се доста пониски од мене. Вака заедно, се чувствуваме како браќа“, изјави Такјула.
Хелсон Орландо Родригес има „само“ 232 сантиметри, но е светски рекордер според големината на стапалата.
„Тој сега носи број 68 и уште расте! Неверојатно“, вели Георг Веселс, кој во Германија му изработува специјални обувки.
Кошаркарот Далибор Мичиќ со 224 сантиметри е највисокиот човек во Србија.
„Воодушевен сум кога сум во друштво на вака високи луѓе. Цел живот сум највисок во мојот град, а сега, конечно, можам да кажам дека сум рамноправен“, кажа Мичиќ.