Јапонската тениска ѕвезда Наоми Осака го урна рекордот на Марија Шарапова и стана најплатената спортистка на светот.
Според магазинот „Форбс“, 22-годишната Осака заработила 37,4 милиони долари во изминатите 12 месеци. Тоа е 1,4 милиони повеќе од приходите на второрангираната Серена Вилијамс. Осака во исто време го собори рекордот на Шарапова, која во 2015 година оствари заработка од 29,7 милиони долари.
Откако „Форбс“ во 1990 година почна да ја следи заработката на спортистките, на првото место секогаш била тенисерка.
Осака, чиј татко е од Хаити, а мајка Јапонка, беше непозната за пошироката јавност пред да ја победи Серена Вилијамс во финалето на Отвореното првенство на САД во 2018. По само неколку месеци, во Австралија ја освои втората гренд слем титула и се најде на врвот на ВТА-листата.
Севкупно, Осака е само 29. на листата на 100-те најплатени спортисти на светот.