Дени Трехо досега бил застрелан, избоден, смачкан, изеден, мачен… и тоа многу пати. Според едно истражување, Трехо умрел на филм повеќе пати од кој било друг актер.
„Се гледа дека сум работел“, се шегува 76-годишниот Трехо, чиј возбудлив живот е тема на новиот документарен филм „Затвореник број еден: Подемот на Дени Трехо“.
„Кога почнував да станувам славен, еден мој добар пријател ми кажа: ‘Цел свет може да мисли дека си славен, но ти не можеш‘. Јас не сакам да бидам ѕвезда, сакам да бидам добар актер. Ова е чудо, затоа што мислев дека нема да излезам жив од 1960-ите“, вели Трехо.
Додека растел во Калифорнија, Трехо користел тешки дроги и поминал неколку години во затвор во 1960-ите за разни обвиненија, вклучувајќи и вооружен грабеж. Поради своите физичка појава и став, станал познат затвореник и боксерски шампион во озлогласениот затвор Сан Квентин. Тој бил и во два други затвора и во филмот признава дека патот низ младоста му бил многу болен.
„Мислев дека мојот живот е готов“, вели Трехо.
Место тоа, решил да направи пресврт и се откажал од дроги и неволји. Почнал да им помага на други како советник, а во 1980-ите влегол и во светот на филмот.
„Оттогаш се трудам да правам само добри работи и така го мерам мојот успех. Не е важно каде ќе почнеш, туку каде ќе завршиш“, вели Трехо, кој досега има остварено над 380 филмски и телевизиски улоги.