НБА ЅВЕЗДИТЕ ЌЕ ИГРААТ ВО ЧЕСТ НА КОБИ И ЏАНА БРАЈАНТ НА ГОДИНАШНИОТ ОЛ-СТАР МЕЧ

Лос Анџелес, (АП)

Најголемите НБА ѕвезди оваа година ќе играат со Коби и Џана Брајант и во своите мисли и на своите дресови.

Како дел од серија посвети на еден од најголемите кошаркари на сите времиња и на неговата 13-годишна ќерка, кои во неделата загинаа во хеликоптерска несреќа заедно со уште седум лица, НБА објави дека играчите од двата тима на Ол-стар мечот ќе играат во дресовите со број 24 и 2. Капитените на двата тима ќе бидат Јанис Антетокумпо (24) и Леброн Џејмс (2).

Тимските колешки на Џана Брајант беа специјални гостински на вчерашниот меч ЛА Лејкерс-Портланд (Фото: АП)

Коби Брајант ги помина последните десет сезони од кариерата носејќи дрес со број 24, додека неговата ќерка Џана имаше двојка на својот дрес. Брајант е четврти најдобар стрелец во историјата на НБА и сѐ уште најмлад играч кој настапил на Ол-стар меч.

Коби и Ванеса Брајант имаа четири ќерки и токму Џана требаше да го продолжи неговото име на кошаркарските терени. Во едно интервју, Коби призна дека тоа е нешто што најмногу го радува во животот и таа за него беше Мамбасита, женска верзија на неговиот прекар Црна Мамба.

Рози за Коби и Џана во „Стејплс центар“ во Лос Анџелес (Фото: Твитер)

Џиџи, како што сите ја викаа, се претвораше во навистина посебен играч. Тешко е да се предвиди иднината, но според тоа како напредуваше и како ја разбираше играта, нејзината иднина ќе беше светла“, изјави универзитетскиот тренер Рас Дејвис.

Џана беше голем фан на ЈуКон од Конектикат и се надеваше дека еден ден ќе игра за овој универзитетски тим, а потоа и да влезе во ВНБА.