НЕЈМАР ЈА ЗАВРШИ НЕСЛАВНАТА АВАНТУРА ВО САУДИСКА АРАБИЈА, ЗА ГОДИНА И ПОЛ ОДИГРА САМО СЕДУМ МЕЧА

Ријад, (Би-Би-Си)

Нејмар е пред враќање во матичниот клуб Сантос откако ја заврши својата неславна авантура во Саудиска Арабија. Ал-Хилал се согласи да го раскине договорот со 32-годишната бразилска ѕвезда, која поради повреди одигра само седум натпревари за клубот за година и пол.

Најскапиот фудбалер на светот премина од ПСЖ во Ал-Хилал во август 2023 во трансфер вреден 90 милиони евра. Тој притоа потпиша двегодишен договор, чија вредност наводно изнесувала 150 милиони евра по сезона.

За целиот тој период, Нејмар одигра само три натпревари во саудиското првенство, а вкупно седум и постигна само еден гол. Првата тешка повреда ја имаше во октомври 2023, а откако се врати на терените по една година пауза, повторно се повреди на својот втор натпревар.

Нејмар се профилираше во врвен голгетер во Сантос, што му донесе трансфер во Барселона во 2013. Со Каталонците освои осум трофеи за четири сезони, по што го направи најголемиот трансфер во историјата на фудбалот, преминувајќи во ПСЖ за 222 милиони евра.

За репрезентацијата на Бразил има дадено 79 гола на 128 натпревари, со што го собори рекордот на Пеле.

(Фото: АП)