НЕМА ВЕЌЕ ДА ПРАВАМ ОЛКУ ДОЛГА ПАУЗА – ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ ОДРЖА ЕМОТИВЕН КОНЦЕРТ И ЗАПЕА ЗА ЌЕРКА МУ И СОПРУГАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Како во старите добри времиња, кога победувал на македонските и на југословенските фестивали, Драган Мијалковски одржа емотивен концерт сношти во Операта со ревиски оркестар. Концертите, вчерашниот и вториот кој ќе се одржи вечерва, се славење на 60 години на сцената на легендарниот пејач, а на оваа идеја се сетија радио „Буба мара“ и неговиот сопственик Ранко Петровиќ.

Сопругата на Драган Мијалковски, Ели (лево) и ќерката Искра. – Концертот го следеа и текстописецот Огнен Неделковски со сопругата, новинарката Соња Алексоска-Неделковска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Водителката Ирена Спировска на почетокот од концертот ги наброја сите успеси на Мијалковски и го нарече „омилениот пејач на Јованка Броз“. Концертот почна со вистинска песна, „Скопје радост моја“, зашто тој во многу наврати има кажано колку е вљубен во својот град.

Мијалковски го следеа ревиски оркестар и Стево Чепишевски, Сара Пројковска и Ана Костадиновска како придружни вокали (Фото: К. Попов)

„Направив долга пауза со пеењето, но сега веќе нема да правам толкави паузи“, рече Мијалковски, кој е во одлична пејачка форма, иако на 24 април ќе наполни 74 години.

„Тогаш бев млад, имав 22 години и беше чудо невидено што го освоив првото место на Скопскиот фестивал со оваа песна“, кажа Мијалковски пред да ја отпее „Оди си“.

Публиката стана на нозе на еден од неговите најголеми евергрини „Кажи ми“ од 1977, песна која е актуелна како да е напишана сега и уште неколкупати потоа.

Публиката заигра на повеќето од хитовите (Фото: К: Попов)

Танцувајќи на сцената за време на „Гитаро моја“, Мијалковски при крајот од концертот се симна во публиката, се поздрави со Симон Трпчески во првите редови, со ќерка му Искра, а ѝ запеа и на сопругата Ели, која му ракоплескаше од централниот ред. Неговиот син, музичарот и продуцент Дарко Милајковски, не беше на концертот поради тоа што со семејството живее во Австралија.

„Зборувај ми за Скопје“ одлично ја испеа Жаклина Стефковска (Фото: К. Попов)

Вистински избор за гостинка беше Зорица Поп-Панкова, која ја испеа „Каде си“, се разнежи на сцената по топлиот прием од публиката, па му рече на колегата: „Остави ги, нека аплаудираат“. И Поп-Панкова е во одлична пејачка форма, а публиката уживаше во нејзината песна.

Мијалковски ѝ запеа на ќерка му Искра (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Песната „Зборувај ми за Скопје“ на убав начин ја донесе Жаклина Стефковска. Гостин беше и Горан Алачки на хармоника, авторот на „Лено Ленче“, уште една песна на која заигра публиката. Гостуваше и музичарот Љупчо Трајковски-Фис на бас гитара.

Зорица Поп-Панкова се расплака по настапот (Фото: К. Попов)

„Кога требаше да пишувам стихови за песните, ми беше полесно кога ми даваа мелодија и веднаш можев да ги вклопам стиховите за неа. Така, кога ја добив ‘223-305’, оригиналниот текст беше ‘оди си’, ‘дојди’, а јас сакав нешто поедноставно и така излезе овој хит“, рече Мијалковски.

На неколку песни имаше и балетски точки, а со оркестарот, во кој имаше и членови на Националниот џез оркестар, диригираше Дијана Имери-Илковска.

Горан Алачки се потсети на заедничката турнеја со Драган Мијалковски и Петре Прличко во 1977 (Фото: К. Попов)

Придружни вокали пееја Стево Чепишевски, Сара Пројковска и Ана Костадиновска, ќерката на Кире Костов. Мијалковски испеа доста песни во чест на авторите: Костов, Драган Ѓаконовски-Шпато, Ванчо Димитров, Александар Џамбазов, Славе Димитров, Ѓоко Георгиев, а испеа и преработка на песната „Поета“ од неговиот, како што го нарече, другар Оливер Драгојевиќ.

Љупчо Трајковски-Фис е неуморен, постојано пишува нови песни и ми се јавува да ги слушнам, рече Мијалковски за еден од гостите на концертот (Фото: К. Попов)

„Сакам да ме поддржите во ова, во Скопје да се изгради концертна сала со 5.000 седишта“, рече пејачот на крајот, па на бис испеа уште два негови хита и „Ќе заминам со тебе“ (Con Te Partiro) заедно со Жаклина Стефковска.

Иако рече дека е изморен, заморот не му се гледаше, па ја повика публиката да дојде и на вечерашниот концерт од 20 часот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ