НИ СО 25 МИЛИОНИ ПРЕГЛЕДИ НА ЈУТЈУБ НЕ МИСЛАМ ДЕКА СУМ ЅВЕЗДА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ЛАРА ИВАНОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За една година, песната „Бела“ на младата поп пејачка Лара Иванова и Христијан Настески-Пајак стаса до 25 милиони прегледи на Јутјуб. Со оваа песна, Лара и Пајак настапија на ланскиот Макфест, а годинава ја добија наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала.

„Никогаш не помислив дека оваа песна ќе стане толку голем хит и ќе има толку прегледи. Како некое непишано правило е дека кога не се надеваш, песната станува хит. Ми се случи да снимам уште една песна така спонтано како ‘Бела’, ‘Некогаш ќе помине’, и таа стана хит и има над еден милион прегледи“, ни изјави пејачката во Штип, пред да настапи на Макфест.

Вели дека не се знаела лично со Пајак пред да ја сними песната, само преку социјални мрежи. Кога ја поканиле да настапи на Макфест сакала да соработува со некој пејач од трап сцената. Музиката и текстот за песната „Бела“ се на Пајак, аранжамнот е на Иван Јованов, во чие студио е снимена.

„Ја слушавме песната, ни се допаѓаше на двајцата, но никогаш не помисливме дека ќе стане толкав хит. Никогаш не се знае и пресреќни сме поради тоа“, изјави Иванова и додава дека не се чувствува како ѕвезда.

Лара Иванова студира балетска педагодија, но не се гледа како балерина на сцена. (Фото: Приватна архива)

„По тоа што луѓето ме препознаваат може да се каже дека сум популарна, но секогаш си останувам приземна. Еден хит и 25 милиони слушања на Јутјуб не значи дека треба да летнеш во облаци и тоа да значи дека си некоја ѕвезда. Треба уште мал милион песни да успеат за да се наречеш ѕвезда“, кажа пејачката, која досега има снимено 17 песни, веќе работи на нови песни и најавува повеќе настапи во живо.

Лара е бруцошка на Балетската академија. Откако заврши средно балетско во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, се реши за балетска педагогија и вели оти факултетот ѝ е на прво место. Поради обврските, не може да ги прифати понудите за сите настапи, но никогаш не ги одбива хуманитарните и фестивалските настапи, за кои вели дека ѝ носат нова публика. Со љубов настапила на хуманитарните концерти за Леонид Индов, момче од Аеродром кое по несреќата во Грција има повреда на пршлените.

Не се гледа себеси на балетската сцена и вели дека студира балетска педагогија за да има сигурна опција во животот.

„Од мала почнав да одам и на балет и на музичко, меѓутоа дојде момент кога требаше да се решам што сакам во средно. Балетот повеќе ме влечеше и ми е поинтересен за изучување како професија што ќе ми биде сигурна опција. Сакам да ја знам балетската методика и да научам како моето знаење потоа да го пренесам. А, за музиката, сакам да пеам и не толку да ја изучувам“, изјави Иванова, која краток период одела на часови по пеење и свирела клавир.

М. ЏАРОВСКА