НОВАК ЃОКОВИЌ СЕ СЕЛИ ВО ШПАНСКА МАРБЕЛЈА ВО ВИЛА ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

Монте Карло, (Дејли мејл)

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ одлучи да смени адреса на живеење и ќе се пресели од Монте Карло во Марбелја, на југот на Шпанија. Тоа е местото каде што често престојуваше и тренираше во изминатиот период, а таму со семејството ги помина и првите два месеца од пандемијата на коронавирусот.

Според шпанските медиуми, Ѓоковиќи во Марбелја ќе живеат во вила од 10 милиони евра, што српскиот тенисер едно време ја изнајмувал за 10.000 евра неделно, а неодамна и ја купил. Вилата е сместена на една од најатрактивните локации во Марбелја, со поглед на морето и околните планини. Во главната куќа има девет спални соби и осум купатила, како и уште две соби во споредната, гостинска куќа. Вилата има и огромен двор, кој содржи градина со палми, тениски терен и базен.

Семејството Ѓоковиќ на располагање ќе има и голема теретана, приватен спа центар, сауна и турска бања. Имотот од 1.000 квадратни метри е оддалечен само пет минути од центарот на градот.