ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ГО ПРОГЛАСИЈА ДЕЈВИД АТЕНБОРО ЗА ШАМПИОН НА СВЕТОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Програмата за животната средина на Обединетите нации го прогласи природонаучникот, документарист и британско национално богатство Дејвид Атенборо за Шампион на светот. Престижната титула е признание за неговото посветено раскажување приказни за природниот свет и климатските промени.

„Светот мора да дејствува сега за да ги спаси природата и планетата“, кажа 95-годишниот Атенборо, примајќи ја наградата.

Тој додаде дека успешните приказни за животната средина треба да ни даваат надеж дека промената е можна.

„Пред 50 години, китовите беа на работ на исчезнување. Потоа луѓето се здружија и денес ги има повеќе од кога било. Ги знаеме проблемите и знаеме како да ги решиме. Сè што ни треба е заедничка акција“, изјави Атенборо.

Иако во десеттата деценија од животот, Атенборо и натаму неуморно снима неверојатни документарци, што низ животот и кариерата го има однесено до најскриените делови на светот. Почнал да работи за Би-Би-Си во 1950-ите и оттогаш, многупати ја обиколил Земјата, запознавајќи нови и необични живи суштества, но и сведочел на штетата што ја предизвикал човекот. Во изминатите години, неговите документарци ја шират пораката за спас на планетата и тој беше еден од првите кој предупреди на проблемот со климатските промени, поради што е многу популарен помеѓу децата и тинејџерите.