На 19 февруари во 12 часот, во фоајето на Театар Комедија ќе се отвори изложбата на костимографските скици на Елена Дончева и ќе се промовира едицијата „La Barraca“, која потсетува на историјата на овој објект. Почесна гостинка на настанот е примабалерината Емилија Џипунова.
На 19 февруари 1965 се одигра првата претстава во новоизградениот монтажен објект на МНТ, кој се наоѓа на булеварот Климент Охридски во Скопје, тогашен булевар ЈНА. Претставата е „Коломба“ на Жан Ануј, комедија во четири чина, во режија на Димитар Ќостаров. Главните улоги ги играле Љупка Џундева, Мери Бошкова, Ристо Шишков, Драги Костовски и Чедо Христов.
Наредниот ден оперскиот ансамбл на МНТ ја извел „Набуко“ од Џузепе Верди, а на 21 февруари настапил и балетскиот ансамбл со „Копелија“ на Лео Делиб, со кореографија на Јитка Ивеља.
Театар Комедија ја наследи зградата кога МНТ беше преселен во новоизградениот објект во 2014. Првата претстава на новиот театар беше комедијата на Оскар Вајлд „Важно е да се викаш Ернест“ на 7 мај 2014, во режија на Ирена Стерјовска.