ОЛИМПИСКОТО ЗЛАТО Е НАЈГОЛЕМОТО ПОСТИГНУВАЊЕ ВО МОЈАТА КАРИЕРА, ВЕЛИ ЃОКОВИЌ

Париз, (Ројтерс)

Новак Ѓоковиќ го опиша освојувањето на олимпиското злато од петти обид како најголемото постигнување во неговата кариера. Во вчерашното возбудливо финале, 37-годишниот Ѓоковиќ го совлада Карлос Алкарас со 7:6, 7:6 и го освои првиот трофеј по осум месеци пауза и последен што му недостигаше. Тој истовремено стана петтиот тенисер кој комплетирал „златен слем“ (сите четири гренд слем титули и олимписко злато), по Штефи Граф, Серена Вилијамс, Андре Агаси и Рафаел Надал.

„Освоив бронза на моите први Олимписки игри во 2008 и оттогаш не успевав да освојам медал. Трипати претходно играв полуфинале и не можев да ја поминам таа пречка. Тоа конечно ми успеа на 37 години и тоа против 21-годишник кој веројатно е најдобриот играч во светот во моментов, игра неверојатен тенис и ги има освоено Ролан Гарос и Вимблдон едноподруго. Кога сето ова ќе го земам предвид, ова е веројатно најголемиот спортски успех во мојата кариера“, кажа Ѓоковиќ.

Иако не ја отфрли можноста да игра на следните Олимписки игри во Лос Анџелес, Ѓоковиќ вели дека посебно го мотивирало сознанието дека Париз веројатно му е последната шанса за златото.

„Бев спремен за турнирот и не испуштив ниеден сет. Знаев дека ова е мојата шанса и дека ако некогаш треба да биде, ќе биде сега. Кога се пласирав во финалето, почувствував големо олеснување зашто тоа беше пречката што досега не можев да ја поминам. Славев како да сум освоил турнир, иако знаев дека за златото ќе мора да ја искачам најголемата планина во моментов, Алкарас“, рече Ѓоковиќ и додаде:

„Мислев дека носењето на српското знаме на отворањето на ОИ во Лондон е најдоброто чувство што еден спортист може да го има, но ова го надминува сето она што го замислував и што се надевав дека можам да го доживеам“.

(Фото: АП)