ПЕАМ ВО ХОР, ПЛАНИНАРАМ И УЧАМ РУСКИ, НЕ СУМ КЛАСИЧНА ПЕНЗИОНЕРКА, ВЕЛИ АКТЕРКАТА БЕДИЈА БЕГОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерката Бедија Беговска вели дека се расплакала кога колегите од Турскиот театар ѝ најавиле дека ќе дојдат на церемонијата на доделување Орден за заслуги од претседателот Стево Пендаровски за неа и за уште шестмина културни доајени во понеделникот во Филхармонијата.

„Дојде половина театар, и тоа повеќето млади и ми направија голема чест“, вели 73-годишната актерка, која последно играше две поголеми улоги во 2021 и 2022 во својот матичен театар, каде што се пензионираше.

Една од нив беше главната улога во „Вишновата градина“ од Чехов, во режија на Владимир Милчин.

„Овој орден не го очекував, затоа што јас спаѓам во оние културни дејци кои биле соодветно наградувани. Имам 15-ина награди, во пензија сум и сега не сум толку активна и затоа ми е драго што некои чинители во име на државата ја препознале и ја наградиле нашата работа“, ни изјави Беговска.

Актерката вели дека не се доживува како класична пензионерка.

„Јас не сум класична пензионерка, но морам да го нагласам тоа затоа што според законот сум прогласена за пензионерка. Уште пред да одам во пензија имав некои хобија и активности со кои се бавев и продолжувам да се бавам затоа што ми го исполнуваат животот. Планинарам, пеам во хор и посетувам часови по руски. Поради короната тие часови продолжија онлајн, но уште учам. Се дружам со луѓе, има денови кога се среќаваме во некои наши ресторанчиња. Тоа се повозрасни луѓе, но убаво се дружиме, пееме, свириме. Мојот пензионерски живот е многу весел и активен“, вели актерката.

До скоро, таа пеела во рускиот хор „Славјанка“, но потоа била зафатена со улогите во Турскиот театар, па направила пауза. Размислува дали да продолжи да пее во рускиот хор или во градскиот мешан хор „Вардар“, во кој пеела порано и за кој вели дека е исклучително квалитетен. Беговска беше редовен учесник на манифестацијата „Глумците пеат“ и секогаш добивала пофалби за пеењето.

„По дома постојано пеам, особено ако ја препознаам песната на телевизија, пеам во дует со тој што ја пее. По дома сме сите такви, распеани“, додава актерката.

Во 2021 Беговска ја играше главната улога во мјузиклот „Славната Флоренс“ во Турскиот театар, во режија на Драгана Милошевска-Попова, кој како филм во 2016 го сними Мерил Стрип и доби номинација за Оскар. Беговска вели дека ѝ е голема чест што ја играла истата улога по славната холивудска актерка.

Во 2022 му се приклучи на актерскиот тим на ТВ-серијата „Балканска приказна“, која се снимаше во Скопје и привлече големо внимание во Турција и во земјава. Беговска за турската публика е позната по улогите во „Лимонада“, „Вишновата градина“, „Горчлива цреша”, како и по многу успешни улоги по кои е препознатлива кај македонската публика, како „Наше маало“, „Збогум Румелија“, „Трето полувреме“ и „Преспав“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ