ПЕЈАЧКАТА ХЕЛСИ ОТКРИ ДЕКА ИМАЛА СПОНТАН АБОРТУС НА СЦЕНА СРЕДЕ КОНЦЕРТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американската пејачка Хелси во едно ТВ-шоу отворено зборуваше за моментот кога сфатила дека има спонтан абортус на сцена за време на концерт.

Таа гостувала во емисија во којашто се зборувало за ендометриоза, состојба што во 2016 година дозна дека ја има.

„Бев на турнеја, кога дознав дека сум трудна. Пред да сфатам што ќе значи тоа за мене и за мојата иднина, ми се случи спонтан абортус додека бев на сцена, среде концерт“, се присети 23-годишната пејачка.

Околу 1,5 милиони жени во Велика Британија живеат со ендометриоза, состојба во којашто ткивото на матката расте и зафаќа други делови од телото. Тоа може да предизвика болни и тешки менструални циклуси, но и неплодност, замор и проблеми со дебелото црево и мочниот меур.

„Замислете го чувството како ги гледаш лицата на стотици тинејџери додека крвавиш низ облеката, сфаќаш што ти се случува, а сепак мора да го одработиш настапот. Никогаш не би сакала повторно да го преживувам тоа. Затоа решив да запрам и да побарам медицинско решение. Пред една година се оперирав и сега сум многу подобро“, вели Хелси.

Таа откри и дека планира да замрзне јајце клетки, за да може да има деца во иднина.