СОПРУГАТА НА ЏОН ЛЕЏЕНД, КРИСИ ТИГЕН, ОБЈАВИ ДЕКА ГО ИЗГУБИЛА БЕБЕТО

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Криси Тиген, сопругата на пејачот Џон Леџенд, објави дека имала спонтан абортус во емотивен пост на социјалните мрежи.

„Шокирани сме и во длабока болка каква што досега не сме почувствувале“, напиша таа на Инстаграм.

Леџенд и Тиген се венчаа во 2013 и заедно имаат две деца, а последната бременост ја објавија преку видеоспотот за негова нова песна во средина на август. Тиген откри дека планирале бебето да се вика Џек.

„Имињата на нашите бебиња секогаш ги избиравме во последен момент, по раѓањето, но, од некоја причина, ова мало момче во мојот стомак почнавме да го викаме Џек. И тој секогаш ќе остане Џек за нас. Џек толку многу се трудеше да биде дел од нашето мало семејство и засекогаш ќе биде“, напиша Тиген, додавајќи дека абортусот уследил откако долго време не успевала да го запре крвавењето.