Бекот на Барселона, Жерард Пике, објави дека ќе ја заврши играчката кариера по утрешниот натпревар со Алмерија на „Камп ноу“. Триесет и петгодишниот Пике ја објави одлуката за пензионирање на социјалните мрежи.
„Секогаш сум кажувал дека нема да има друг клуб по Барселона и така и ќе биде. Фудбалот ми даде сè. Барселона ми даде сè. Фановите ми дадоа сè. Откако ги остварив сите мои детски сништа, време е да се заврши ова патување. Ќе се видиме наскоро повторно“, вели Пике во видеото.
Пике беше младинец на Барселона кога се пресели во Манчестер јунајтед во 2004. На „Камп ноу“ се врати четири години подоцна и оттогаш одигра над 600 натпревари и освои 30 трофеи, од кои осум во шпанското првенство и три во Лигата на шампионите.
Пике, кој во јуни се раздели од долгогодишната партнерка Шакира, беше меѓу играчите кои се согласија на намалување на платите откако Барселона се најде во финансиски проблеми минатата година. Шпанските медиуми објавија дека тој ќе се откаже и од 40 милиони евра, колку што требаше да добие до истекот на договорот во 2024.
Со репрезентацијата на Шпанија стана светски и европски првак, пред да се повлече во 2018 по 102 одиграни меча.
(Фото: АП)