ПО 20 ГОДИНИ И 114 НАСТАПИ, ПАНДЕВ ДОЧЕКА ДА ЗАИГРА НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Горан Пандев вчера ја оствари можеби последната амбиција во својата играчка кариера: пласман на Македонија на едно големо натпреварување. Тој ќе биде на прагот на 38. година кога ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство следното лето, што беше обезбедено токму со неговиот гол на бараж-средбата со Грузија во Тбилиси.

„Не верував дека на 38 години ќе играм на европско првенство. Многу сум среќен, многу среќен и емотивен. Ова е голема победа за целиот наш народ. За сите нас беше голем сон да се игра на Европското првенство и ни се оствари тоа сега. Сакав да им помогнам на момците, зашто ова е млад тим, но неверојатен и го заслужија ова. Возраста не е важна, затоа што сум играл многу вакви важни натпревари и го имам потребното искуство“, изјави Пандев.

Како ретко кој, тој дочека да се пласира на европско првенство по 19 години, 114 настапи и 36 голови во репрезентативниот дрес, рекорд во двете категории и по извонредна дведениска кариера во Италија, каде што ужива голема почит.

Пандев пристигна во оваа земја како 17-годишник и оттогаш собра 451 настап во Серија А, играјќи за Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, во што е на четврто место меѓу странските фудбалери. Во актуелната сезона, тој е седмиот најстар играч во лигата (зад Ибрахимовиќ, Бруно Алвес, Паласио, Маџо, Кваљарела и Рибери), не сметајќи ги голманите.

Г. КОНЕВ