ПО ЕДНА ГОДИНА ПАУЗА, ШТИПСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „МАЛИОТ ПРИНЦ“ ПОЧНУВА ВЕЧЕРВА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Откако лани не се одржа традиционалниот детски театарски фестивал „Малиот принц“, новата управа на Центарот за култура „Ацо Шопов “ од Штип одлучи тој годинава сепак да се одржи.

Целата организација на театарскиот фестивал е доверена на творецот на истиот, режисерот Трајче Кацаров кој во претходните две години беше исфрлен од какво било инволвирање во детските театарски фестивали.

„Годинава мотото на фестивалот е ‘Беше еднаш едно детство’. Инсистиравме на продолжување на фестивалот со порака дека детството и младоста не треба никогаш да се заборават. Денес, младите од рана возраст се заробени од интернетот и се лесен плен на Фејсбукот и мобилните игри. Некогаш детството се поминуваше на сокак со парталови топки, со дрвени каици за лизгање и со илјадници детски иновативни игри. Мораме да правиме сѐ за децата да ги научат таквите игри и да ги почитуваат“, вели селекторот на „Малиот принц“ Кацаров.

Според директорката на Центарот во Штип, Катерина Мишева, фестивалот „Малиот принц“ оваа недела ќе го доживее своето седмо издание. Фестивалот ќе се отвори вечерва со претставата „Пипи долгиот чорап“ на Струмичкиот театар, утре е претставата „Том Соер“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, в четврток е „Алиса во земјата на чудата“ на театарот од Охрид, а фестивалот ќе се затвори в петок со премиерата на „Шушкава прикаска“ во изведба на домашниот театар. Сите претстави ќе се играат на сцената во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, а билетите се по 50 денари.

Кацаров додава дека по завршувањето на годинашниов фестивал, тој заедно со екипата ќе ги интензивира активностите за фестивалот „Театар во куфер“, кој започна лани. Годинава ќе се одржи во првата половина на ноември во Штип со учество на повеќе театри од земјата и странство.

Т. ЈОВАНОВСКИ