Претставата „Галеб“ од Чехов, во режија на Баграјана Попов, по премиерата на Охридско лето, утре (14 септември) првпат ќе се изведе на матичната сцена во Народниот театар Битола.
В. д. директорот на Битолскиот театар Васко Мавровски рече дека „Галеб“ е насловена како комедија, но, всушност, е најтрагичното дело во кое се зборува за десет изгубени души кои не можат да профункционираат еден со друг. Претставата не е наменета за лица под 16 години.
Илија Волчески од Прилепскиот театар е во главната улога, младата актерка Леонида Гулевска ја игра Маша, а играат и Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, а музиката на Александар Димовски.
Мавровски кажа дека ансамблот на Битолскиот театар на 6 октомври ќе гостува на театарски фестивал во Бјелисток, Полска, на 16 октомври ќе има премиера на монодрама со Соња Михајлова, на 25 октомври премиерно ќе биде изведена претставата „Ричард Трети“, а на 14 ноември, по повод 80 години Народен театар, е закажана претставата „Ѓоре Магарески – 80 години потоа“.
Фото: Битолски театар