Ѓорѓе Балашевиќ, еден од најомилените музичари и кантавтори на просторите на бивша Југославија, почина денеска на 67 години, откако пред три дена беше примен во болница поради пневмонија.

Балашевиќ е роден на 11 мај 1953 во Нови Сад и беше член на групите „Жетва“ и „Рани мраз“, пред да почне соло кариера во 1982, во текот на која објави 12 албуми и десетици хитови кои станаа евергрини благодарение на комбинацијата на емотивни и критички текстови, креативни и досетливи рими и едноставни мелодии.

Жителите на Нови Сад палат свеќи во чест на својот најпознат сограѓанин (Фото: Нова)

Уште во 1987 година со песната „Само да нема војна“ (Само да рата не буде) најави како ќе се позиционира во претстојните трагични случувања во земјата и за време на војната падна во немилост на режимот на Слободан Милошевиќ поради своите антинационалистички и антивоени ставови и стихови.

„Никогаш не сум имал ништо лично против ниеден претседател на држава, но бев против системот поради кој мојот град се бомбардираше. Поради тоа бев и сѐ уште сум забрануван, а моите песни цензурирани“, кажа Балашевиќ во интервјуто за „Н1“ во 2018 година.

Повеќе од 40 години беше во брак со бившата гимнастичарка Оливера Балашевиќ, со која доби три деца.