ПОЧИНА ПИТЕР МЕЈХЈУ – НЕ НИ МИСЛЕЛ ДА БИДЕ АКТЕР И ПОТОА СТАНА ЧУБАКА

Лондон, (Би-Би-Си)

Харисон Форд и Марк Хамил му оддадоа почит на еден од оригиналните членови на франшизата „Војна на ѕвездите“, Питер Мејхју, кој почина на 74 години, опишувајќи го како „голем човек со големо срце“.

Исто како и Ентони Дениелс (Ц3ПО) и Дејв Прауз (Дарт Вејдер), Мејхју не оствари актерска кариера во којашто фановите ќе го препознаваат по лицето, бидејќи неговата најпозната улога беше на влакнестиот вонземјанин Чубака, симпатичниот и истовремено застрашувачки соработник на Хан Соло (Форд). Тој, всушност, не ни мислел да биде актер, пред режисерот Џорџ Лукас да го открие во една болница во Лондон, кадешто работел. Мејхју го играше Чубака во пет филмови од франшизата од 1977 до 2015 и така маскиран се појави во неброено многу ситуации надвор од Холивуд, на радост на фановите.

Партнери на филм и пријатели повеќе од 30 години. – Питер Мејхју и Харисон Форд (Фото: Гети)

„Бевме партнери на филм и пријатели во животот повеќе од 30 години. Тој ја вложи целата своја душа во тој лик и ѝ донесе огромно задоволство на публиката на ‘Војна на ѕвездите‘“, изјави Харисон Форд.

Хамил, популарниот Лук Скајвокер, го опиша Мејхју како „најнежниот меѓу џиновите“.

Во „Последниот Џедај“ од 2017 година, Мејхју му ја предаде улогата на Финецот Јонас Суотамо.