ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРЕТСТАВАТА „БЕЗ КРВ“, КОПРОДУКЦИЈА НА ТЕАТРИТЕ ОД ВЕЛЕС И ПЛОВДИВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Започнаа подготовките за премиерата на новата претстава „Без крв“, која велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ја работи со Драмскиот театар од Пловдив. Таа е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“, кој се реализира во соработка со Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

„Културната размена е добредојдена за двете држави. Патот преку културата, поточно театарот е најсрдечен, најбрз и најсилен“, кажа режисерката Диана Добрева.

Таа во Македонија ја има работено претставата „Магбет“ во Албанскиот театар во Скопје, а лани на театарскиот фестивал „Стоби“ учествуваше со претставата „Одисеја“. За време на престојот во Македонијa таа правеше кастинг на актери кои ќе учествуваат во претстaвата „Без крв“, работена по текст на бугарскиот писател Александар Секулов, кој ја пишувал по мотиви на италијанскиот автор Алесандро Барико.

Лани во рамките на проектот „Манифест“ беше реализирана претставата „Едвард Втори“, во режија на Дејан Пројковски.

Премиерата на „Без крв“ е закажана за септември на меѓународниот фестивал „Сцена на раскрсница“ во Пловдив.

П. ПЕЧКОВ