Фестивалот Денови на комедија во Куманово почнува вечерва (24 септември) со претставата на Велешкиот театар „Вечера за глупаци“, а на свеченото отворање ќе се додели наградата „Васил Иљоски“. Лауреат е актерот Сашко Коцев за особен успех во комедиографијата.
Во наредните денови ќе се играат претставите „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар од Охрид, „Фустан за бегство“ на Драматичен куклен театар од Враца (Бугарија), „Автопат Сагбама“ на театарот „Бора Станковиќ“ од Врање (Србија), „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ на Тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ на Куклен театар од Плевен (Бугарија), „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар од Штип и „Кокошки“ на Народно позориште од Ниш.
На 9 октомври е премиерната изведба на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово, кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот.
Наградата „Васил Иљоски“ се воведе во 2017 и досега ја добија Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска, Благоја Чоревски и Коле Ангеловски.
„Откако фестивалот доби натпреварувачки карактер подигнато е нивото на квалитет на програмата. И театарските куќи од регионот не нудат претстави кои се исклучиво со комерцијален карактер, туку продукции за кои се надеваат дека ќе ги задоволат уметничките критериуми на жирито. Комедијата како жанр создава и дела кои се сатирични, саркастични или иронични и се надевам дека изборот на претставите ќе го задоволи вкусот на посетителите“, вели директорот Сашо Тодоровски.
С. НИКОЛИЌ
Фото: К. Попов