Академијата за филмска уметност и наука го помести датумот на објавувањето на номинациите за годинашните Оскари поради пожарите кои го зафатија округот на Лос Анџелес изминативе денови. Номинациите требаше да бидат објавени на 17 јануари, но ќе бидат соопштени на 19 јануари.
За два дена е пролонгирано и гласањето на речиси 10.000 членови на Академијата, кое почна на 8 јануари и ќе трае до 14 јануари.
Мел Гибсон, Били Кристал, Џеф Бриџис, Ентони Хопкинс, Парис Хилтон и Мајлс Телер се меѓу славните личности чии куќи изгореа во пожарите.
„Сочувствуваме со сите оние кои ги изгубија нивните домови во страшните пожари во Јужна Калифорнија. Голем број наши членови и соработници живеат и работат во Лос Анџелес и ние се грижиме за нив“, изјави извршниот директор на Академијата, Бил Крамер.
(Фото: Гети)