ПРЕМИЕРА НА КОМЕДИЈАТА „ВЕСЕЛИНОВИ“ ОД ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ ВЕЧЕРВА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (15 мај) од 20 часот, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе се игра премиерата на „Веселинови“, 20. комедија на драматургот Трајче Кацаров. Улогите на Весела и Веселко ги играат Оле Поцкова и Игор Стојанов од хумористичната програма „Зевзекманија“ и ова е нивно театарско деби. Во претставата учествува и десетгодишната Нела Гегова.

„Весела и Веселко не се надвор од аглите и замките што ги поставува семејниот живот. Веселинови се огледало на нашата фамилија и нашето секојдневие. Повеќе се противречни отколку категорични. Неретко тонат во проблеми што извираат од плитките џебови, оддалеченоста на децата, од ноктите на државните грабливци“, вели Кацаров.

Поцкова и Стојанов ја опишуваат преставата како типична балканска комедија.

„Бевме во дилема дали да прифатиме учество во едно вакво драмско дело, но си рековме дека треба да влеземе во предизвик, затоа што во драмата можеме да ги видиме сите од нашите семејства: родители, баби, дедовци, тетки, стрини, сите ќе се препознаат“, рекоа Поцкова и Стојанов.

Т. ЈОВАНОВСКИ