ПРЕМИЕРКАТА НА НОВ ЗЕЛАНД ЏЕСИНДА АРДЕРН ПОТВРДИ ДЕКА ЌЕ СЕ МАЖИ, НО НЕ ГО ОТКРИ ДАТУМОТ

Велингтон, (АП)

Новозеландската премиерка Џесинда Ардерн изјави дека конечно ќе се венча со својот долгогодишен партнер Кларк Гејфорд. Во едно радиоинтервју, Ардерн кажа дека го договориле датумот на венчавката, две години откако објавија дека се свршиле. Таа не го откри точниот датум, само навести дека венчавката ќе се случи за време на летото во јужната хемисфера, што трае од декември до февруари.

„Кога реков дека имаме датум, тоа не значи дека некому сме го кажале. Поканите допрва ќе ги правиме“, кажа Ардерн.

Таа и Гејфорд се родители на двегодишната ќерка Нив. Ардерн во 2018 стана само втора светска лидерка во модерната историја која се породила додека била на функцијата.

Запрашана дали ќе имаат традиционална свадба, 40-годишната Ардерн одговори:

„Мислам дека сум малку престара за невестинска забава. Од некоја причина, чувствувам дека сум надраснала некои работи и треба да се откажам од нив“.

Ардерн и ТВ-презентерот Гејфорд се запознале преку заедничка пријателка во 2012, пет години пред таа да стане премиерка на Нов Зеланд, а се свршија за Велигден во 2019. Ардерн го освои вториот премиерски мандат на ланските избори.