ПРЕТСТАВИ НА РИСИМКИН И ДАНЧЕВСКА НА ВЕЧЕРАШНАТА ПРОСЛАВА НА 20 ГОДИНИ ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Централната прослава на 20. издание на Танц фест Скопје ќе се одржи вечерва (30 април) во Македонскиот народен театар (МНТ). Фестивалот годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“.

Вечерашната претстава се изведува во чест на 29 април – Светскиот ден на танцот, а ќе се прочита и македонската порака, чија авторка годинава е примабалерината на Националната опера и балет (НОБ), Александра Мијалкова.

Ќе настапат младите танчари од студиото за танц „Бах“ од Струга, предводено од Тања Мојсовска-Бах, кое годинава слави 30 години постоење. Потоа ќе биде доделена наградата Менада за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност, чиј добитник е Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет.

По доделувањето на наградата, ќе се изведат кореографиите на Рисима Рисимкин насловени „The Best Of“, кои го обиколија светот. На репертоарот се фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики)“, на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска и „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска и Бобан Русески и примабалерината на НОБ Мими Поп Алексова-Атанасова, заедно со танчарките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова.

Овој дел од програмата ќе заврши со изведба на кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, а ќе настапат танчарите на Скопје танцовиот театар Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, сите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За сите претстави костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на вечерта е претставата „Место. Многу посебно за неа“ на кореографката Адријана Данчевска. Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо ќе настапи музичарот Гоце Наумов. Настапуваат танчарите Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска и Сара Димовска и гостинките од НОБ, Илиана Данилова и Наташа Трендафилова-Гицев.