ПРОМОЦИЈА НА РОМАНОТ „РОГОЗ – ТАЈНИТЕ НА СЛУЖБАТА“ ОД ПАВЕЛ МИЛЕНКОВСКИ ВЕЧЕРВА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот штипски писател Павел Миленковски вечерва (5 февруари) ќе го промовира романот „Рогоз – тајните на службата“, што ќе се одржи од 19 часот во Домот на млади во Штип. Промотор ќе биде драмскиот писател Трајче Кацаров.

Главниот лик во романот е пензиониран агент на УДБА кој бил ангажиран од тајните служби како консултант за решавање убиства во Штип. Според авторот, напишаното има поврзаност и со сегашната состојба во Македонија зашто се критикува системот.

„На романот работев две години. Има 300 страници, динамичен е и има доста пресврти. Ликовите и нивните имиња се измислени. Главниот јунак Александар по мајка е Македонец, а по татко Србин, но се декларира како Југословен“, вели Миленковски.

Павел Миленковски (23) е студент во петта година на Медицинскиот факултет во Штип и ова му е втор роман, по „Поминав, но не застанав“.

Т. ЈОВАНОВСКИ