ПРВАТА ПАНДА РОДЕНА ВО ЈУЖНА КОРЕЈА ИЗЛЕЗЕ ВО ЈАВНОСТ

Сеул, (Ројтерс)

Јужна Кореја првпат ја покажа во јавност првата панда родена во земјата, која го доби името Фу Бао, што значи среќно богатство.

Група деца прва имаше можност да се запознае со новиот жител на тематскиот парк Еверленд во Сеул и Фу Бао, роден пред три месеци, изгледаше здраво, среќно и по малку срамежливо. Родителите на Фу Бао пристигнаа во Јужна Кореја пред четири години од кинеската провинција Сечуан, како дел од „панда дипломатијата“ на Кина.

(Фото: Ројтерс)

Големите панди важат за загрозен вид животни и женките може да зачнат еднаш годишно во ограничен период, а младите имаат мали шанси за преживување бидејќи често се раѓаат предвреме. Фу Бао имал само 197 грама кога се родил, но за три месеци порасна до 5,8 килограми и 58,5 сантиметри.