„Емпаер стејт треил“, 1.425 километри долга пешачка и велосипедска патека низ американската сојузна држава Њујорк, ќе биде комплетирана до крајот на оваа година, при што ќе ги поврзе градот Њујорк и канадската граница.

Проектот беше најавен од гувернерот Ендрју Куомо во 2017 година и со него се спојуваат две постоечки, но претходно неповрзани патеки и се изградени уште 560 километри нови патеки.

Неодамнешно истражување покажа дека речиси девет милиони луѓе ќе ја користат патеката годишно, а бидејќи добар дел од неа веќе постои, пешаците и велосипедистите веќе може да ѝ пристапат.

„Кога ќе биде завршена, ‘Емпаер стејт треил‘ ќе биде најголемата повеќенаменска мрежа на патеки во земјата, овозможувајќи им на жителите и на туристите досега невиден пристап до надворешните богатства на Њујорк“, изјави Куомо своевремено.

На патот од њујоршкиот парк Батери до Канада, таа, меѓу другото, ќе поминува низ национални паркови, природни резервати, долината на реката Хадсон, винарии, пиварници и културни атракции.