РАГБИ ТИМ КОЈ ЗАМИНАЛ ДА ИГРА НАТПРЕВАР ПРЕД 104 ДЕНА СЀ УШТЕ НЕ Е ВРАТЕН ДОМА

Перт, (Би-Би-Си)

Професионален рагби тим кој заминал на 23 февруари за да игра натпревар сѐ уште не е вратен дома.

Тимот на Манума Самоа го напуштил својот пацифички остров пред повеќе од 100 дена со цел да гостува во Перт, Австралија, но на враќање дома бил принуден да остане во Нов Зеланд откако нивната земја ги затвори границите. Сместени на црковен имот во Окленд, 20-темина играчи цело време делеле една соба.

Иако тие сега се вратени на Самоа, сѐ уште си ги немаат видено семејствата, бидејќи и во својата земја прво морале да одат во двонеделен карантин.

„Кога пристигнавме во Нов Зеланд беше лето, а кога си заминавме беше зима“, вели видеоаналитичарот на тимот, Хари Џуниор Нарајан.

Тие две недели се подготвувале во камп во Нов Зеланд пред натпреварот, играле во Перт и тргнале назад. Во моментите кога биле во Нов Зеланд, самоанската влада на 26 март ги забрани сите меѓународни летови кон земјата и оттогаш беа заглавени таму. Играчите делеле една соба, додека управата на тимот престојувала во помали одделни соби.

Пред една недела тие конечно можеле да заминат, но штом се вратиле во земјата, која нема ниеден случај на коронавирус досега, повторно биле ставени во изолација, и тоа секој посебно.