РЕЦЕНЗИИТЕ НА НЕНАД ГЕОРГИЕВСКИ ЗА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА СОБРАНИ ВО НОВА КНИГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првата книга со рецензии за современата македонска музика на англиски јазик од утре ќе се најде во продажба во книжарниците „Литература.мк“, а официјална, онлајн промоција ќе има в понеделник.

Книгата „Press & Play“ (Притисни и слушај) е дело на Ненад Георгиевски и ги содржи неговите рецензии на албуми, концерти и фестивали кои беа објавени и на познатиот сајт „All About Jazz“. Меѓу музичарите и настаните кои се застапени во книгата се Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Зоран Маџиров, „Анастасија“, Скопски џез фестивал и Офф-фест.

„Книгата претставува збир од мои текстови за македонската музичка култура кои ги имам пишувано 15 години за ‘All About Jazz‘. Се работи за рецензии на изданија и концерти на различни генерации македонски музичари. Тие текстови претставуваа единствен увид во тоа што се случувало на музички план во Македонија, но напишано на јазик и платформа каде што милиони читатели имале пристап“, вели Георгиевски.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.