Поп ѕвездата Ријана донира пет милиони долари за глобалната борба против пандемијата на коронавирусот. Парите ќе бидат обезбедени преку нејзината непрофитна фондација „Клара Лајонел“.
„Со овие пари ќе ги поддржиме нашите партнери кои работат на првата борбена линија против коронавирусот и помагаат на маргинализирани и ранливи групи во САД, Кариби и Африка, подготвувајќи ги за она што доаѓа“, се вели во соопштението на фондацијата.
Парите ќе бидат наменети за банки на храна, тестирање, тренинг на здравствени работници, превенција од вирусот и за неопходни залихи.
Ријана ја востанови фондацијата во 2012 година и ја именуваше според своите баба и дедо.