Во изминатите десетина години ретко кој можеше да се надева на „Златна топка“ покрај Лео Меси и Кристијано Роналдо, кои доминираа во сите избори. И сѐ уште се во топ 3, само што синоќа мораа да признаат дека моментално има некој кој повеќе го заслужува епитетот најдобар светски фудбалер – Роберт Левандовски.
Ова следува откако 32-годишниот Полјак постигна 55 гола на 47 средби минатата сезона и беше најдобар стрелец во трите натпреварувања што неговиот Баерн ги освои: Бундеслига, германски куп и Лига на шампиони, на што се надоврзаа и триумфите во европскиот и во германскиот Суперкуп.
Животот бил тежок за 17-годишниот Левандовски кога во 2005 починал татко му Кжиштоф, европски првак во џудо. Левандовски само што преминал од четвртолигашот Делта во Легија, еден од најславните полски клубови, кога уследила повреда на колено. Додека заздравувал, Легија заклучила дека има подобри напаѓачи од него и му рекла дека може да си оди. Тоа го искористил третолигашот Знич, кој го откупил Левандовски за само 1.000 фунти.
Откако постигна 36 гола во две сезони во Знич, Левандовски премина во Лех за 300.000 фунти и со 18 гола го предводеше до шампионската титула во сезоната 2009/10. Настапите во Лех го направија и полски репрезентативец, по што беше време за поголема сцена. Првата станица беше Борусија Дортмунд, за по четири години, во 2014, да потпише за Баерн, каде што само го зацврсти својот статус на машина за голови. Тој во средата стана само трет играч кој постигнал 250 голови во Бундеслигата, од кои 177 за Баерн.
„Левандовски е играч кој мисли само на една работа: успех, успех и успех. Тој е легенда на ниво на Меси и Роналдо, тој е најдобриот играч во историјата на полскиот фудбал“, вели Јацек Грембоцки, тренерот под кој Левандовски работеше во Знич.