РОНАЛДО СТАНА ПРВИОТ ФУДБАЛЕР КОЈ ДАЛ 800 ГОЛОВИ НА ПРОФЕСИОНАЛНО НИВО

Манчестер, (Би-Би-Си)

Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер во историјата кој постигнал 800 голови на професионално ниво откако беше двоен стрелец за Манчестер јунајтед во синоќешната победа над Арсенал од 3:2. За тоа му требаа 1.097 натпревари.

Првите пет професионални гола во кариерата ги даде во дресот на Спортинг Лисабон, по што следеа 130 погодоци за Манчестер, 450 за Реал Мадрид, 101 за Јувентус и 115 за Португалија. Тој е најдобриот стрелец во историјата на машкиот репрезентативен фудбал, како и во Лигата на шампионите и Реал Мадрид.

Не постои централна база на податоци за да се утврди кој е најдобриот голгетер во историјата на фудбалот. Чешката фудбалска федерација тврди дека Јозеф Бицан (1913-2001) постигнал 821 гол на официјални натпревари, додека други статистики велат дека се 805, но тоа вклучува и неофицијални меѓународни мечеви и натпревари на резервни тимови. Пеле и Ромарио сами тврдат дека дале над 1.000 голови.

Според неофицијалните статистичари РСССФ, Пеле е на 769, а Ференц Пушкаш и Ромарио на по 761 гол, следени од Лео Меси со 756.