„Ана Каренина“, балетот од Петар Илич Чајковски, а според романот на Лав Толстој, премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ).
Кореографијата на современата претстава во класични рамки, која е симбиоза на двајца руски великани во литературата и музиката, е на Хрватот Лео Мујиќ, а ќе диригира Бисера Чадловска.
Насловната улога ќе ја игра првенката-солистка Мими Поп Алексова-Атанасовска, Вронски е Бобан Ковачевски, а Каренин ќе биде Васил Чичијашвили.
Чадловска вели дека во претставата се искористени најубавите и познати делови од симфониите на Чајковски, меѓу кои и популарниот Концерт за виолина.
„Покрај нови, балетот мора да опслужува и класични литературни и музички дела. ‘Ана Каренина’ припаѓа во опусот на општа култура, која е експлоатирана и во други медиуми, како театар и филм, но може да најде место и во балетот. Она што сè уште ја привлекува публиката е приказната, односот помеѓу ликовите и драмското дејство. И сето тоа на прекрасна симфониска музика и делници тешки за свирење, кои не се изведуваат во балет. Спојот ќе донесе прекрасна претстава“, вели Мујиќ, кој првпат работи во Македонија.
Сценографијата е на Михајло Стојановски и Сашо Стојановски, а костимите на Александар Ношпал.
Репризата на „Ана Каренина“ е на 29 декември, а МОБ ја најавува следната изведба за февруари.
Б. НЕСТОРОСКА