Бен Афлек откри дека една од причините поради која се откажал од улогата на Бетмен е стравот од прекумерно пиење алкохол. Тој беше на рехабилитација во 2001, 2017 и 2018 година.
Во обемното интервју за „Њујорк тајмс“, Афлек вели дека неговата борба со алкохолизмот и разводот од актерката Џенифер Гарнер придонеле за одлуката да ја напушти франшизата.
„Го покажав сценариото за новиот филм за Бетмен на некои блиски луѓе. Тие ми рекоа дека е добро, но и дека сметаат дека ќе се опијанам до смрт ако мора уште еднаш да поминувам низ тоа“, вели Афлек, кој суперхеројот го играше трипати.
Оскаровецот, кој се разведе од Гарнер во 2018, додаде:
„Веќе подолго време пијам релативно нормално. Почнав да пијам сѐ повеќе и повеќе кога ми се распаѓаше бракот. Се обидуваш да се чувствуваш подобро преку храна, алкохол, секс, коцкање, шопинг и слично, но на крајот, сето тоа само ти го загорчува животот. Тогаш почнува вистинската болка. Станува круг од кој не можеш да излезеш. Барем мене ми се случи тоа“.
Улогата на Бетмен ја наследи Роберт Патинсон, а премиерата на новиот филм е во јуни 2021.