СЕЛМА БЛЕР ПРВПАТ СЕ ПОЈАВИ ВО ЈАВНОСТ ОТКАКО ОБЈАВИ ДЕКА ИМА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА

Лос Анџелес, (Ел)

Да постоеше оскар за храброст, тој синоќа ќе ѝ припаднеше на Селма Блер.

Четирисет и шестгодишната американска актерка се појави во јавност за првпат откако во октомври објави дека ѝ е дијагностицирана мултипла склероза, присуствувајќи на традиционалната постоскаровска забава на „Венити фер“.

Со гламурозен изглед во фустан на „Ралф и Русо“, Блер се прошета по црвениот тепих со помош на бастун и во еден момент се расплака. Притоа беше придружувана од нејзиниот менаџер Трој Ненкин.

„Тој знаеше дека сакам да стојам гордо и исправено. Требаше да соберам многу сила и храброст за да дојдам тука“, изјави Блер, која претходно откри дека болеста ѝ се одразува врз движењето и рамнотежата.

„Болеста е многу непријатна. На моменти ме фаќа неконтролирана вознемиреност. За да излезам надвор и бидам друштвена доаѓа со висока цена. Мозокот ми гори понекогаш и се замрзнувам. Се чувствуваш осамено, иако добиваш голема поддршка“, изјави таа во едно интервју во јануари.