Семејството од Флорида, кое ги ослика фасадата и оградата на својата куќа во стилот на Винсент ван Гог како патоказ за аутистичниот син, доби извинување од градоначалникот по едногодишна правна битка.
Локалниот совет на Маунт Дора постигна договор со Ненси Немхаузер и Лубомир Јастжебски, на кои во јули 2017 година им беше кажано дека муралот, копија на славното дело на Ван Гог „Ѕвездена ноќ“, е спротивна на градските правила, поради што беа казнети со 10.000 долари. Тие не само што ќе можат да го задржат муралот, туку и ќе им биде исплатена отштета од 15.000 долари.
Немхаузер го тужеше градот за кршење на правото на слободно изразување, додавајќи дека муралот му помага на нивниот син да го најде патот до дома.
„Ако ништо друго, тој ќе ја спомене куќата на Ван Гог и луѓето ќе можат да му помогнат да се врати дома“, кажа Немхаузер.
Локалниот уметник Ричард Баренечеа, кој ја ослика куќата, кажа дека ова е голем ден за градот и за слободата, додека градоначалникот Ник Џирон во извинувањето додаде дека градот има долга историја на поддржување уметници.
Куќата во меѓувреме стана мала туристичка атракција во гратчето, што се наоѓа 40 километри од Орландо.