Режисерката и актерка Верица Недеска почна да го снима краткиот филм „Вера“, по нејзино сценарио.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм и е копродукција помеѓу „Стори скоп“, „Фокус покус филмс“ и филмската академија ФИОФА од Охрид. Продуцент е Дарко Попов.

Недеска дипломираше актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрираше на отсекот за сценарио на филмската школа ФАМУ во Прага. Позната е по театарските и филмски улоги, како во „Поинаку“,„Караула“, „Балканкан“, „Големата вода“, „Медена ноќ“ и „Трето полувреме“. Изминативе години живее и работи во Прага, со сопругот, режисерот Иво Трајков.

„Филмот е за младата девојка Ника, која се наоѓа пред голема дилема: дали да го роди бебето кое го носи или не? Да даде или да земе живот. Тој ден ја среќава и заборавената актерка Вера, која сака да умре. Приказната на филмот отвора едно силно морално прашање за евтаназијата, како и прашањето за преземање одговорност како индивидуа“, велат продукциите.

Главните улоги ги играат Сабина Ајрула и Симона Димковска, покрај Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева, Ристо Стефановски и Недеска.

Кастингот на филмот го направи Драгана Милошевска-Попова, кинематографер е Димо Попов, Жаклина Крстевска е костимограф, Анастасија Јордановска – шминка, Дејан Спасовиќ – сценограф и Гоце Миланоски – монтажер.