СЕРЕНА ТОПЛЕС ГО ПЕЕ ХИТОТ „СЕ ДОПИРАМ“ ВО КАМПАЊА ЗА БОРБА ПРОТИВ РАК НА ДОЈКА

Сиднеј, (АФП)

Тениската суперѕвезда Серена Вилијамс стана интернет сензација, откако позираше топлес во видео за подигнување на свеста за ракот на дојка.

Во видеото објавено на Инстаграм, Серена ги покрива градите со рацете додека ја пее песната „Се допирам“, хитот на австралискиот бенд „Дивинилс“ од 1991 година, во знак на поддршка на Австралиската мрежа за борба против рак на дојка.

„Снимив моја верзија на светскиот хит ‘Се допирам’, за да ги потсетам жените редовно да се самопрегледуваат. Да, ова е надвор од мојата удобна зона, но сакав да го направам, затоа што е проблем кој се однесува на жените од сите бои, низ целиот свет. Клучот е во раното откривање, така се спасуваат многу животи“, напиша таа.

Видеото беше прегледано повеќе од 1,3 милиони пати во првите десет часа, откако беше објавено синоќа.