„ФЕРАРИ“ ПЛАНИРА 15 НОВИ МОДЕЛИ ВО НАРЕДНИОТ ПЕТГОДИШЕН ПЕРИОД

Маранело, (Би-Би-Си)

„Ферари“ соопшти дека ќе исфрли 15 нови модели до 2022 година, во рамките на петгодишната стратегија, што ја претстави новиот шеф на компанијата, Луис Камилери.

Меѓу другото, тоа го вклучува и првиот теренец на „Ферари“, наречен „пуросанге“, што треба да излезе на крајот на овој период.

„Мојот план е амбициозен, но остварлив и се базира на детаљни пресметки“, кажа Камилери, кој во јули дојде на местото на Серџо Маркионе по неговата ненадејна смрт.

Планот на „Ферари“ е до 2022 година да оствари основна заработка меѓу 1,8 и две милијарди евра.

„Целта е да развиеме нови возила и да се ориентираме кон хибридни и електрични погони, кои треба да бидат 60% од нашата понуда до крајот на петгодишниот план. Сепак, новите модели ќе имаат и значително поголема просечна цена“, изјави шефот на маркетингот Енрико Галиера.

Првата премиера „Ферари“ ќе ја има на претстојниот Автосаем во Париз, кадешто ќе биде претставен отворениот суперавтомобил „монца“, кој ќе биде произведен во само 500 примероци.