ШАЈЛО НУВЕЛ Е ТРЕТОТО ДЕТЕ НА ЏОЛИ И ПИТ КОЕ САКА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ПРЕЗИМЕТО НА ТАТКО Ѝ

САД, (Би-Би-Си)

Ќерката на холивудските ѕвезди Анџелина Џоли и Бред Пит, Шајло Нувел Џоли-Пит, поднела барање во суд во Лос Анџелес да се откаже од презимето Пит. Таа почна правна постапка да стане Шајло Џоли на 27 мај, на датумот на нејзиниот 18. роденден.

Анџелина Џоли поднесе барање за развод од Бред Пит во септември 2016, но деталите не се финализирани и допрва треба да се постигне спогодба. Двојката е вклучена и во правна битка за француската винарија „Шато Миравал“, што ја купила заедно.

Шајло е третото од шесте деца на Џоли и Пит, но не и прво кое побара да се тргне презимето Пит.

Анџелина Џоли со децата Шајло, Захара, Вивиен, Медокс и Нокс (Фото: Гети)

На почетокот на оваа година, нејзината 15-годишна сестра Вивиен го отфрли презимето Пит, а во видео од 2023 најстарата ќерка Захара може да се види и слушне како се претставува како Захара Марли Џоли при приклучувањето на сестринството „Алфа Капа Алфа“ на колеџот „Спелман“. Сепак, Шајло е првата која поднесе и формално барање за законска промена на презимето.