ШАКИРА ПОЧНА ДА ГРАДИ ДВЕ УЧИЛИШТА НА КРАЈОТ НА СВОЈАТА СВЕТСКА ТУРНЕЈА

Богота, (Ројтерс)

Шакира ги постави темелите на две училишта во нејзината татковина Колумбија откако ја заврши петмесечната светска турнеја, на која настапи и во Германија, Бразил и САД.

Колумбиската поп ѕвезда и филантроп го посети историскиот град Картахена и ги положи првите тули за училиштето, во кое ќе учат повеќе од илјада деца. Таа потоа замина за родниот град Баранкиља, кадешто исто така го означи почетокот на изградба на училиште, придружувана од десетици пресреќни фанови.

„Колумбија мора повеќе да вложува во образованието, ако сакаме да имаме мир“, изјави Шакира.

Изградбата ќе биде финансирана од нејзината фондација „Пиес дескалсос“, која веќе раководи со четири училишта за деца од сиромашни семејства.

„Штом има деца кои не добиваат исто образование како децата од поситуирани семејства, ние не можеме да зборуваме за мир во земјата, ниту за еднаквост, затоа што образованието е она што нѐ прави еднакви“, додаде таа.

Таа ја основа фондацијата кога имаше само 18 години, а името го презеде од насловот на својот трет албум („Босоног“), што ѝ донесе меѓународен успех. Фондацијата ќе потроши околу девет милиони долари на двете нови училишта.