Австралиецот Овен Рајт го заокружи својот неверојатен камбек по тешката повреда на мозокот и го освои првиот олимписки медал во сурфањето воопшто, во спортот кој дебитира на Олимписките игри во Токио.
Триесет и едногодишниот Рајт се закити со бронза, а подоцна во финалниот дуел, Бразилецот Итало Фереира стана олимписки првак со победата над домашниот сурфер Каноа Игараши.
Рајт вели дека морал одново да учи да оди и сурфа откако во декември 2015 доживеал несреќа на тренинг, кога го поклопил голем бран, што му предизвикало крвавење во мозокот. Првпат застанал на сурферска штица по четири месеци, а дури по една година почнал повторно да се натпреварува.
„Тоа беше најлошата година во мојот живот. Поминав низ крвави битки, а моето семејство цело време беше покрај мене. Затоа си поставив за цел да стојам овдека со медал околу вратот, без разлика каква боја ќе биде. Тоа ме мотивираше низ тешките времиња“, изјави Рајт, кој во дуелот за бронза го победи двократниот светски првак Габриел Медина.