За седмата по ред зимска школа, која е во организација на штипската библиотека „Гоце Делчев“, веќе се пријавиле 40 деца, кои ќе ја посетуваат до крајот на распустот, но можат и за време на учебната година и во текот на летото.
„Зимската школа е бесплатна и замислено е да има образовен и забавен карактер, за што ќе се организираат разни програми, со цел зимскиот распуст на учениците да биде побогат. Ќе има едукација, квизови, како и посебна едукативна програма во соработка со Американското катче, кое работи во рамките на библиотеката“, вели координаторката Вилма Јованова.
Таа е задоволна што интерес за зимската школа има од ученици од сите основни училишта во Штип и таа бројка од 40 ученици сигурно ќе се зголеми. Јованова додава дека децата веќе почнаа да прашуваат и за летната школа, која се посетува за време на летниот распуст.
Т. ЈОВАНОВСКИ