Во шведскиот град Гетене, 320 километри југозападно од Стокхолм, се продаваат парцели со цени кои почнуваат од само една круна или девет американски центи за квадратен метар.
Гетене е рурална област со 5.000 жители кои живеат во самиот град и 13.000 во пошироката околина. Сместен е на брегот на езерото Венерн, кое не само што е најголемо во Шведска, туку и во Скандинавија и цела ЕУ. За планинарите, Гетене има и мала планина во близина, Кинекуле.
За евтината продажба на земјиштето, градоначалникот Јохан Мансон вели дека причината е комбинацијата од актуелниот економски пад и сѐ помалото рурално население.
„Пазарот на станови во моментов е многу намален во нашиот регион и во Шведска воопшто поради високите каматни стапки и малата рецесија, па сакавме да му дадеме инјекција на пазарот“, рече тој за Си-Ен-Ен.
Мансон додаде дека одлучиле да продадат 30-ина парцели за симболична цена, избирајќи земјиште кое било на пазарот многу години без да се продаде.
„Акцијата започна минатиот месец со околу 30 заинтересирани купувачи“, рече Мансон.
Четворица купиле парцели по цена од една круна за квадратен метар. Големината на парцелите се движи од 700 до 1.200 квадратни метри.
„Ова стана вирално и добивме илјадници барања од нови купувачи“, рече тој.
Мансон вели дека изградбата на куќа обично чини 280.000-375.000 долари, а парцелите околу 47.000 долари. Единствениот услов на градот е изградбата да започне во рок од две години од купувањето на парцелата.