СКИЈАЧОТ БОДИ МИЛЕР ДОБИ СИН ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ОТКАКО ЌЕРКА МУ СЕ УДАВИ ВО БАЗЕН

Лос Анџелес, (Пипл)

Прославениот американски скијач Боди Милер и неговата сопруга Морган објавија дека добија син, само четири месеци по трагичната смрт на нивната 19-месечна ќерка.

Боди Милер со ќеркичката Емелин, која трагично почина во јуни

Тие потврдија за магазинот „Пипл“ дека бебето се родило во петокот.

Боди (40) и Морган (31), кои го имаат и тригодишниот син Неш Скан, во април открија на Инстаграм дека чекаат уште едно дете, но само два месеца подоцна ги потресе незамислива трагедија, кога нивната ќеркичка Емелин се удави во базен.

Несреќата се случи на 9 јуни, кога Емелин излегла на задната врата од семејната куќа во калифорнискиот град Кото де Каза и паднала во базенот. Таа била потопена во водата половина минута, пред мајка ѝ да ја извлече надвор. Емелин починала наредниот ден во болница.

„Постојано во себе ги бројам тие 30 секунди. Толку е потребно да се удави дете од 13 килограми. Никогаш во милион години не можевме да замислиме дека ќе искусиме таква болка. Вината е најтешката работа со која се соочувам. Се надевам и молам секој ден дека ќе ми стане полесно“, кажа Морган Милер во едно интервју во јули.